Прашање на часови е кога Демократската партија на албанците-ДПА ќе ја напушти власта најави денеска лидерот на партијата Мендух Тачи по средбата со американската амбасадорка Џилиен Миловановиќ.

Тачи како главна причина за ваквиот чекор ги наведе шесте барања доставени до премиерот Никола Груевски, за кои тој не се изјаснил. „Се забележува една несериозност во функционирањето на државните институции во овие многу важни и историски моменти за Република Македонија. Не би сакал мојата партија да биде дел од една таква несериозна влада“, рече Тачи. Запрашан дали ваквиот потег може да предизвика политичка криза во земјата, Тачи рече дека  ДПА само го вклучува црвениот семафор за да не дојде до сообраќајка, но и дека партијата нема да влегува во некои радикални води.
 
Премиерот Никола Груевски денеска одби да ги коментира најавите на неговиот коалиционен партнер. Наместо него се огласи владиниот портпарол, Ивица Боцевски, кој рече дека владата функционира нормално.

Лидерот на НСДП, Тито Петковсдки,  најавите на ДПА ги оцени како несериозни, а тајмингот за повлекување таков потег, погрешен. Според претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, Владата се однесува неодговорно, додека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, побара предвремени избори кои би се одржале во април.

Претседателот на ДПА попладнево се сретна и со евроамбасадорот Ерван Фуере, кој не даде изјава за текот на разговорите со лидерот на ДПА.

Најавата за излегување на ДПА од власта доаѓа непосредно пред одржување на Самитот на НАТО во Букурешт на кој земјата очекува покана за членство во алијансата, како и во критични моменти кога се решава Грчко-македонскиот спор за името.

ohridnews