Состојбата со поплавите кои ги предизвика големото невреме што во изминатото деноноќие го зафати Охрид полека се стабилизира, но и натаму има делови од градот кои се под вода.
Екипи на јавните претпријатија, потпомогнати од противпожарната служба и механизација на приватни компании интензивно работат на санирање на последиците од поплавите кои ги предизвика дождот, информираше вечерва градоначалникот Никола Бакрачески.
-Најголем дел од овие штети се отстранети. Во овој момент само уште во две куќи има минимално количество вода, во сите други водата е извлечена или повлечена во оние делови од градот каде што се направи прекопувања на речните корита и каналите. – изјави Бакрачески.
Надлежните соопштија дека се санирани и свлечиштата и одроните кои се појавија на патниот правец Охрид – Св. Наум, во Велгошти и Лакочереј.
Вечерва се одржа и состанок на координативното тело за справување со кризи на кој присуствуваше и министерот за транспорт и врски Владо Миосајловски, кој најави помош за службите кои се справуваат со последиците од невремето во Охрид, каде до утрово наврнаа 90 литри на метар квадратен.
– Веднаш договараме дополнителна механизација и пумпи, исто така беа побарани кипери и ќе гледаме да ги обезбедиме. – рече Мисајловски. Toj додаде дека ситуацијата со поплавите не е критична но мора будно да се следи.
Во невремето поплавени беа куќи, делови од станбени згради, угостителски и деловни објекти како и дворови и земјоделски површини во речиси сите делови на градот. Најкритично беше по полноќ кога врнежите проследени со силен ветер и електрични празнења беа и најинтензивни.
Дождот не го одмина Охрид и вечерва, но врнежите се со послаб интензитет и според најавите од УХМР се очекува да престанат утре до пладне, по што на терен ќе излезат стручните служби на општината за да извршат проценка на висината на штетите од невремето.
Г.М.