Дождливото време утрово не ги спречи екологистите и љубителите на природата да се придружат на бројните активности кои се организираат по повод Денот на Охридското Езеро. Утрово голем број рекреативци тргнаа со велосипеди на кружна тура околу Охридското Езеро.

Исто така претпладнево се одржа акција за чистење од отпад на крајбрежјето кај Центарот за обука на вода и околу Студенчишко блато на која се приклучија повеќе волонтери, членови на граѓански движења и на Црвениот крст.

– Временските услови не се најдобри денеска, но ќе го одбележиме овој ден како што доликува. Езерото е императив за животната срединаи треба да го зачуваме тоа што го имаме. Езерото не е само вода, тоа е жив организам кој е стар, исто така и Галичица. Целата околина е дел од светското културно и природно наследство заштитено од УНЕСКО, се трудиме тоа да остане така, а не да се деградира и уништува. – истакна Владимир Трајаноски, граѓански активист.

Во акцијата за чистење на отпадот од природата учествуваше и експертот и познат научен работник Д-р Трајче Талевски. Тој упати порака за зачувување на Охридското Езеро изразувајќи оптимизам дека промените во одност кон животната средина ќе започнат токму со сегашната генерација.

-Мислам дека оваа генерација има шанса да промени нешто во третманот и сопственото мислење за Охридското Езеро. Тоа изминатите години се третираше прво како резервоар за вода за дримските хидроцентрали, од гледна точка на туризмот и угостителството како објект за да се задоволат туристичките потреби, меѓутоа се менува свеста и кај населението и кај туристите коишто доаѓаат и не гледаат во туризмот само плажа, туку ги гледаат и другите карактеристики и придобивки кои ги има регионот, како што е Галичица, Дебарца, така што мислам дека ставот на населението во Охрид и Република Македонија ќе биде променет.-рече Талевски.


Дождот не ги спречи вљубениците во природата

Акцијата за чистење на природата од отпад со свои активности ја подржаа урбаните заедници Лагадин, Трпејца, Пештани, Љубаништа и Елшани.

По повод Денот на Охридското Езеро еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42, Здружението за заштита на животните и животната средина ЕДЕН, Здружението за унапредување на меѓусебна доверба ТАКТ и граѓанската иницијатива ОХРИД ЅОЅ, објавија меѓународна петиција за зачувување на езерото и Националниот Парк Галичица.

Г.М.