Врнежите од дожд во изминатите два дена минимално ја подобрија лошата хидролошка состојба на Охридското Езеро. Во охридскиот регион деновиве наврнаа 13 мм дожд на метар квадратен што според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи придонесе за покачување на нивото на езерото од еден сантиметар и сега тоа се наоѓа на котата од 693,17 метри надморска височина.
Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, и покрај неповолните климатски услови во последниот период, нивото на Охридското Езеро е во потполна стагнација, односно урамнотежен е излезот со влезот на води во езерото.
Министерството соопшти дека во периодот од 23 септември до 8 октомври, годинава котата на нивото на Охридското Езеро се движи во границите меѓу 693.16 и 693.17 мнм, односно за 6 до 7 сантиметри повисоко од критичната точка која се наоѓа на 693.10 мнм.
Надлежните очекуваат со есенските дождови да се стабилизира хидролошката состојба на Охридското Езеро.
Г. Момироски