Со потопни пумпи од вчера попладне се врши дотур на свежа вода во каналот Студенчишта, каде на десетици тони плашица им се заканува угинување поради нискиот водостој и недостиг на кислород. Алармот беше вклучен вчера откако се случи помор на риба во каналот.

Во прилог на подобрување на состојбата одат и обилните врнежи од дожд, кои се очекува да продолжат и во текот на утрешниот ден. Од езерото во Дрим во моментов се испушта минимум вода, што придонесе за зголемување на нивото на Охридското Езеро, но тоа во голема мера не го решава проблемот со каналот Студенчишта каде презимуваат плашицата,  крапот и други видови риба.

Според експертите неопходно е прокопување, односно продлабочување на каналот и чистење од тиња и отпад. Во спротивно, повторно може да се случи помор на риба, како што тоа беше случај вчера, но и изминатите години.

OhridNews