Последните врнежи од дожд придонесоа за благо покачување на нивото на Охридското Езеро. На почетокот од месецов тоа беше на еден сантиметар под минималната кота, а по врнежите од дожд деновиве нивото на Езерото порасна за три сантиметри и сега се наоѓа на 693,19 метри надморска височина.
Според хидролозите ниското ниво на Охридското Езеро е вообичаено за овој период од годината. Тие сметаат дека со топењето на снеговите ќе се стабилизира водостојот на Охридското Езеро. Минатата година беше исклучително сушна што придонесе за драматичен пад на нивото на Охридското Езеро кој делумно беше предизвикан и од испуштање на поголеми количини вода во Црн Дрим за ублажување на енергетската криза во Албанија.
Експертите предупредуваат дека големите осцилации можат да предизивикаат сериозни последици врз живиот свет во литоралниот дел на Езерото. Загриженост изрази и Советот на општина Охрид кој неодамна усвои деклрација за заштита на Охридското Езеро. Во неа меѓу другото се бара ревизија на договорот за утврдување на најниската кота на езерото склучен во шеесетите години од минатиот век помеѓу некогашната СФРЈ и НР Албанија. Според советниците тој договор е неодржлив затоа што во времето кога бил склучен владееле многу подобри хидролошки услови за разлика од денес кога хидролошката состојба е алармантна.
Г. Момироски