Дождот што непрекинато врне неколку дена придонесе за покачување на нивото на Охридското Езеро кое сега е еден сантиметар над минималната кота и се наоѓа на 693,18 метри надморска височина.
дождот ја “поправа“ хидролошката состојба на Охридското Езеро
Според УХМР дожд ќе има и во наредниот период, што ќе ја ублажи лошата хидролошка состојба поради што Охридското Езеро од почетокот на годинава до октомври опадна за над 70 сантиметри. Причина за ова е сушната година но и неконтролираното испуштање на водата од Охридското Езеро за потребите на хидроцентралите во Македонија и Албанија, предупредуваат научните работници. Тие сметаат дека државата мора контролирано да ја испушта водата од езерото за да не се загрози екосистемот.
Слично размислуваат и граѓаните. На анкетното прашање на „ohridnews“ Дали водата од Охридското Езеро треба да се испушта за производство на струја, 486 читатели или 58% одговориле дека тоа треба да се прави само кога не се загрозува езерото, високи 38% или 319 читатели сметаат дека водата од Охридското Езеро воопшто не треба да се користи за производство на електрична енергија, а само 5% или 38 читатели одговориле потврдно.
Г. Момироски