На дождливите денови најмногу им се радуваат лицата кои страдаат од пролетни алергии, велат лекарите. Тие објаснуваат дека влагата од дождот ја ублажува концентрацијата на полен во воздухот, така што тој помалку предизвикува алергиски реакции. 

Упатените во алергиската дијагностика објаснуваат дека цветањето на пролетните билки, за многу луѓе преставува вистински кошмар. Генерално алергиските симптомите се различни. Може да се јават на кожата, во вид на дерматитис, егземи, осип и јадеж, а може да се јават и во форма на кивавица, кашлање, излачување на поголема количина на слуз од носот, потешкотии со дишењето како и оток или солзење на очите.


– Бидејќи Охрид се наоѓа на повисока надморска висина, некои дрвја тука подоцна го развиваат својот цвет, како што се на пример Липите, кои цветаат дури во јуни. Значи лицата кои ја имаат таа несреќа да бидат алергични,  од почетокот на март  па се до крајот на  јуни страдаат од алергиска реакција.-вели д-р Цветанка Гашовска. Таа објаснува дека алергијата е резултат на имунолошка реакција на супстанца која е вдишана или внесена во телото или која е дојдена во допир со кожата.

Според медицинската статистика, се поголем е бројот на луѓето кои страдаат од алергии. Тоа  најверојатно е поврзано со продолженото цветање на тревите и цвеќињата како резултат на глобалното затоплување. Исто така, загадувањето на воздухот и животната средина придонесуваат за слабеење на имунитетот.


– Во денешно време медицината е многу напредната и постојат голем број модерни лекови кои ја ублажуваат алергиската реакција. Ако е возможно, за време на цветањето на поленот треба да се затвораат прозорците, да се избегнуваат излети и кампувања во природа и во договор со лекар да се зема пропишана терапија. Само така  алергиите можат успешно да се држат под контрола. –препорачува д-р Гашовска.

Таа нагласува дека алергичните лица можат слободно да се движат надвор единствено само кога времето е врнежливо затоа што дождот ја намалува концентрацијатана полен во надворешната околина.

Е.Е.