Како што пренесува „Макфакс“, претседателот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, придружуван од неколку членови на здружението, денеска го посети сакралниот објект на скопското Кале што го гради Министерството за култура, кој беше оштетен во четвртокот вечерта од страна на стотина лица.
„Ние припадниците на безбедносните сили сакаме да ја потсетиме македонската јавност дека на сличен начин, со сквернавење на културно-религиозни објекти на тетовското Кале, пред точно десет години започна вооружениот конфликт“, изјави Ангелов.
Тој ги повика надлежните институции веднаш да преземат мерки против сторителите, додавајќи дека истите може да се евидентираат со посредство на видеоснимките.
„Никој во оваа држава, барем според законот, не смее да тера некоја сопствена правда“, порача Ангелов.
Членот на Извршниот одбор на „Достоинство“ Зоран Крстевски укажа на можна поврзаност, на како што нагласи, овој вандалски чин со некакви можни сценарија за дестабилизација на Македонија.
„Изразуваме загриженост од евентуални сценарија во кој опозицијата во борбата за власт ќе заигра на опасната карта на меѓуетничката нетолеранција и сценарија според кој актуелната власт игра улога на заложник и е имобилизирана во нејзиното извршување на законските обврски“, рече Крстевски.
Според него, Македонија е држава во која постои слобода на вероисповест и на убедување , но не треба да има вандалски чинови и насилие во толпа, со кое што некој сака да демонстрира власт.
„Разочарува фактот што ДУИ за девет години континуирано учество во власта не успеа да научи да ги користи институциите на системот, туку е враќа на старите методи на диверзија, тероризам и насилие во толпа. Тоа е големо разочарување и тоа ќе треба да си го испитаат коалиционите партнери во власта“, рече Крстевски.
Извор: „Макфакс“