Претседателот Стево Пендаровски прими формално известување од Собранието дека е констатирана оставката на премиерот Зоран Заев, која повлекува оставка на целата Влада, информираат за МИА од Кабинетот на шефот на државата.

Собранието на Република Северна Македонија денеска на седница ја констатираше оставката на премиерот Зоран Заев кој беше на чело на Владата четири и пол години. Функцијата претседател на Владата ја извршуваше од 31 мај 2017 година, а втор премиерски мандат освои на изборите на 15 јули минатата година. Заев ја оцени оставката како логичен чекор што произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.

Заев неодамна го напушти и лидерското место во владејачката СДСМ, на чие чело беше од 2013 година.

Откако известувањето за оставката е доставено до Кабинетот на Пендаровски, според член 90 од Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски.

Новиот мандатар во првата половина на следниот месец до Собранието би требало да ги достави програмата и предлогот за состав на новиот владин кабинет, по што би следувало избор на неговата влада на собраниска седница.

 

OhridNews