Досега променети се околу 1 210 000 патни исправи, повеќе од 1 100 000 лични карти и околу 540 илјади возачки дозволи. Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, нема никаков проблем дали да се продолжи рокот за издавање на патни исправи, ако така одлучи Собранието, и нагласува дека се работи со зголемена динамика и процесот така ќе продолжи и по 12 февруари. Од друга страна пак, министерот за надворешни работи, Бујар Османи порачува наместо да се концентрираме на давање лажна надеж за пролонгирање на рокот за документи, да се фокусираме на нивното вадење.

Министерот Спасовски вчера информираше дека досега променети се околу 1 210 000 патни исправи, повеќе од 1 100 000 лични карти и околу 540 илјади возачки дозволи, посочувајќи дека издавањето лични карти продолжува и по 12 февруари.

Да не се креира слика во јавноста дека по 12-ти нема да дојде до промена на документите. Владата не донесе одлука зашто Законот за лични карти не е променет и тој е во важност и од самиот почеток до денес беше јасно дека нема да има промена на личните документи. Неколку пати кажавме дека личните карти ќе важат и по 12 февруари, не заради тоа што се во домашна употреба, туку заради тоа што не го сменивме Законот за личните карти во кој се остава рок за важење на личните карти, рече министерот, додавајќи дека согласно проценките, нема голем број лица кои побаруваат документи, а се работи со зголемена динамика и процесот така ќе продолжи, изјави Спасовски во гостувањето на ТВ21.

Коментирајќи ја изјавата на шефот на државата Стево Пендаровски, Спасовски рече дека сега е време на избори и секој цени дека треба да даде соодветни изјави и дека тој не би навлегувал во никакви конфронтации.

Роковите не се утврдуваат на Влада, туку со закон. Самиот факт што го изнесе и претседателот, дека има потреба да се промени Законот за лични карти за да се продолжи рокот, апсолутно не е така, бидејќи Законот не бил воопшто никогаш сменет за да може да се продолжува рокот. Мислам дека не треба да бидеме под наплив на некакви емоции во овој момент кои ќе придонесат да се креира дополнителен проблем, рече Спасовски.

Тој лично, како што напомена во гостувањето на ТВ 21, нема никаков проблем дали да се продолжи рокот.

Ако Собранието одлучи дека тоа треба да се направи, треба да се направи, но во исто време треба да им се каже на граѓаните дека обврската е преземена од Преспанскиот договор кој по 12 февруари ќе даде друга димензија, истакна Спасовски.

Според министерот за надворешни работи, Бујар Османи, обврските од меѓународниот договор остануваат, посочувајќи дека грчката страна, треба да ја информира ЕУ дека стапува во сила рокот и после тоа сите држави коишто ќе ја примат таа информација, ќе почнат да ја почитуваат.

Затоа дајте во овој период наместо иницијативи за одложување, да имаме иницијативи за промена на документите, на 12-ти тоа што ќе остане нерешено, да најдеме начин како да им олесниме на граѓаните. Се обидувам да бидам брутално искрен, меѓутоа покоректно е да сум сега искрен отколку после тоа граѓаните да останат на граничните премини и на некој начин ние да сме причина за тоа, рече Османи.

Османи вели дека е исконтактирано со грчката страна околу важноста на личните документи кои треба да се заменат до 12 февруари но, апелира наместо иницијативи за одложување за користење на политички поени, фокусот да се стави на вадењето документи.

Договорот од Преспа е меѓународен договор. Мислам дека наместо да се концентрираме на давање на лажна надеж на граѓаните дека ќе ги смениме одредбите од Преспанскиот договор и ќе го смениме Законот за спроведување на уставните амандмани, да работиме граѓаните да немаат пречки после 13 февруари, да се забрза издавањето пасоши, да почнат налепниците да се лепат на регистарските таблички. Мислам дека ова е поздраво да им се каже на граѓаните дека ова е обврска што се провлекува пет години и да се обидеме до 13 февруари максимално да ги средиме документите на граѓаните. Така што, сметам дека овој пристап е поздрав отколку сега добивање политички поени за нешто што нема да можеме да го направиме, ниту оваа претставка до Уставен суд нема да може да го смени Преспанскиот договор, ниту кои било измени на законите, рече Османи.

Соопшти дека имал средба со грчката амбасадорка и меѓуинституционална координација со министерствата за внатрешни работи и за транспорт за да се разгледаат сите предизвици што може да се јават по 12 февруари со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните.

Се договоривме да бидеме во секојдневна комуникација со грчката страна за да граѓаните не се соочат со проблеми после 13 февруари во однос на транспортерите, во однос на сообраќајните дозволи, во однос на пасошите. За личните карти МВР информираше дека законот заглавил во Собранието. Тие рокови не се пресликани во Законот за лични карти и затоа личните карти може за се користат за домашна употреба, меѓутоа за патните исправи и за останатите документи и во Уставниот закон и во останатите законски решенија, рокот е пет години од стапување во сила, а тоа е 13 февруари, појасни Османи.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, вчера во интервју во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, во однос на промената на личните документи на граѓаните, потенцираше дека различните изјави на претседателот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи јасно покажува дека немаат комуникација и дека власта нема стратешка цел.

Излегува претседателот на државата и вели ова е срамно. Апсолутно се согласувам со него. Целосно е во право претседателот Пендаровски. Премиерот потоа вели дека очекува претседателот да се слушне со претседателката на Грција. Претседателот потоа го возвраќа ударот кон премиерот, заборавајќи дека тоа е една иста извршна власт која што треба да комуницира и да ги решава работите и рече дека тоа е обврска на премиерот да ја реши. Премиерот неколку пати јавно изјавува дека треба да се разгледа решение, за министерот за надворешни работи денеска да каже дека проблемот е нерешлив. Ова се луѓето кои што имаат обврска, законски и уставни надлежности да решаваат ваков тип на предизвици кога истите постојат во системот. Десет дена од сите тројца слушаме различни изјави, рече Муцунски.

Според Муцунски, во моментот МВР нема направено набавка на обрасци, па граѓаните и покрај тоа што се сликале за нови патни исправи нема да може да им се издадат новите патни исправи. Тој, исто така, го повика Уставниот суд да ја прифатат иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за времена мерка.

Уставните судии сега имаат една специфична предност да можат да решат голгота на илјадници граѓани, а истовремено да извршат една пошироко општествена правна функција а тоа е да спречат непоправлива штета, нагласи Муцунски.

OhridNews