До Државната изборна комисија (ДИК) досега ниту еден подносител на листа на кандидати за Локалните избори нема поднесено приговори за постапката за гласање и за постапката за сумирање и утврдување на резултатите од гласањето.

Според информациите од ДИК, од поднесените приговори за заштита на лично избирачко право, на денот на изборите прифатени се 217.

Приговорот на постапката за гласање се поднесува во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, а приговорот на постапката за сумирање и утврдување на резултатите се поднесува во рок од 48 часа од објавување на првичните резултати. Завршувањето на роковите, како што појаснуваат од Државната изборна комисија, зависат од времето кога завршило гласањето во секоја од општините поединечно.

ДИК е должна во рок од 72 часа по приемот на приговорот да донесе одлука, а одлуката се доставува во електронско сандаче за прием на писмена (e-mail адресата) и одлуката се смета за доставена во рок од пет часа од доставувањето во електронското сандаче.

Против одлуката на ДИК, подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението.

 

OhridNews