Ова туристичко лето ќе остане запаметено во колективната меморија на Охрид, како една од најчудните, а според многумина и една од полошите сезони, ако не и најлоша. Не само поради сите околности предизвикани од актуелнта здравствена криза со Ковид 19, што резултираше со откажување на договорените аранжмани со туроператорите од странство и затворање на границите, поради што целосно се промени структурата на гостите во Охрид, туку повеќе поради односот на дел од посетителите кон единственото место во земјата под брендот на УНЕСКО, кое воедно е културен и духовен центар и втор административен центар со Езеро старо 3,5 милиони години.
По големиот број фотографии кои сведочат за непримерното однесување на дел од гостите, најмногу младите, кои секоја вечер зад себе оставаат огромни количини отпад на јавните површини, по парковите, црквите, плоштадите, но и во Езерото, охриѓани сведочат и за односот кон објектите каде се престојува. Оваа фотографија е од колективна станбена зграда во близина на црквата Св. Никола во центарот на Охрид, каде има и сместувачки капацитети.
Жителите на зградата, но и сопствениците на деловни објекти во неа, велат дека се непријатно изненадени од ниското ниво на култура и свест на поединци кои наместо да го одложат ѓубрето во контејнер, го оставаат на заедничките скали од објектот во кој биле сместени. Додаваат дека не е прв пат ова лето да затекнат ваква грда слика и дека не им преостанува ништо друго освен сами да се организираат и да го расчистат нередот.
OhridNews