На вчерашното рочиште судијата Милчо Клишески, по барање на одбраната, донесе одлука за дополнување на вештачењето од судската медицина, со цел да се утврди точното време на смртта на жртвата чие тело беше искасапено и расфрлано покрај патот што води за селото Велестово.
Обвинителството за убиството го товари неговиот брат Живко Ангелески, а за помагање е обвинет Зоран Јовески, пријател на првообвинетиот.
Роберт Јанески, вешто лице од МВР Скопје, ги изнесе резултатите од вештачењето, при што посочи дека постојат повеќе цврсти докази кои обвинетите ги поврзуваат со убиството на Александар.
– Трагите од крв на фломастерот, на навлаката од перница, трагите во тоалетот во домот на убиениот, како и трагите од крв во автомобилот и на чевелот од второбвинетиот, му припаѓаат на убиениот Александар Ангелески, посочи Јанески, според кого, пронајдените докази се доволни за судот да направи комплетна слика за овој предмет.
За разлика од ДНК анализата, вештачењето врз двете пронајдени секири, не резултирало со цврсти докази дека со нив било извршено убиството.
-На секирите нема траги од крв и не можеме со сигурност да тврдиме дека со нив е извршено делото, рече Јанески. Но, тој не ја исклучи можноста тие да биле исчистени со што се уништил дел од доказниот материјал.
Според одбраната на обвинетиот, во досегашниот тек на судскиот процес не е изведен ниту еден директен доказ со кој се поткрепува обвинението притив братот на убиениот.
-Не е најден директен доказ дека кривичното дело е сторено на тоа место и на тој начин како што се опишува во обвинението. – истакна Ристо Новакоски, адвокат на првообвинетиот.
Според полициската истрага Александар Ангелески бил убиен во семејната куќа во населбата Видобишта, по што неговото масакрирано тело било расфрлано покрај локалниот пат Охрид – Велестово, на почетокот од населбата Рача, каде на 2-ри декември 2009 година ги пронашол случаен минувач.