Европската Унија ќе ги укине визните ограничувања за Босна и Херцеговина и Албанија, но ќе биде воведен двоен механизам за следење на безвизниот режим за сите земји од Западен Балкан. 

Во понеделник, министрите за внатрешни работи и правда на ЕУ, би требало да ја одобрат елиминацијата на „шенген визите“ за Босна и Херцеговина и Албанија. Европската комисија исто така ќе поднесе извештај и во врска со воведувањето на „механизмот за следење“, со објаснување дека се однесува на визната либерализација во сите држави од Западен Балкан, а тоа значи и Србија, Црна Гора и Македонија, чии граѓани веќе од декември можат слободно да патуваат во ЕУ.

Целта е да се спречи зголемувањето на бројот на луѓето надвор од Европа, кои бараат азил во земјите на ЕУ, а и да се спречи организираниот криминал и тероризам. Поради тие причини, овој механизам го бара Холандија и уште неколку членки на Европската Унија.  Одлуката за да се укине „шенген визата“ за Босна и Херцеговина и Албанија би требало да стапи во сила од втората половина на месец декември.  Се работи на веродостојноста на биометриските пасоши, потврда на државјанството и други документи, како и ефективен надзор на безбедноста на границите.

Европската комисија ќе дава извештаи на секои шест месеци, врз основа на анализите на експертите и соработката со властите на западноевропските држави за спроведувањето на без визниот режим.

OhridNews
извор: Makfaks