Собранието вечерва во рамки на 13. седница по скратена постапка го донесе Законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Охрид-Кичево и патна делница Миладиновци-Штип.

Автопатот Охрид-Кичево ппчна да се гради во 2014 година. Десет години подоцна на 57 километри долгата делница се уште нема автопат, а трошоците на изградба значително пораснаа.

На седницата одржана вечерва Собранието го разгледа и по куса дискусија го донесе Законот за изменување на Законот за железничкиот систем, по скратена постапка, со кој се укинува обврската на државава за либерализација на железничкиот сообраќај.

Со предлог текстот на Законот се предлага приватно домашно или странско правно лице да може да врши јавен железнички превоз на патници и стока согласно со одредбите од Законот по пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Собранието без расправа го изгласа и предлогот за именување на Елена Маркова Велинова да биде изменувана за член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги на управување со комунален отпад на Република Северна Македонија.

Пратениците вечерва ги донесоа и Одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“, Одлуката за разрешување на членовите на Управниот одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор и Одлуката за разрешување на членовите на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации.

Претходно Собранието со 21 гласа „за“ и 72 „против“, без ниту еден воздржан, не ја прифати интерпелацијата за претседателот на законодавниот дом Африм Гаши.

OhridNews

Фото: МИА