Донирани компјутери и книги во ООУ „Кочо Рацин“ и ООУ „Дебрца“ од страна на Народната банка на РС Македонија, во соработка со Синдикалната организација на Банката. Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска- Бежоска, вицегувернерката Емилија Нацевска и други претставници од Народна банка денес беа во посета на училиштата.
Во двете училишта реализирана е донацијата на компјутери, а за децата во овие училишта се обезбедени сите задолжителни лектири за основно образование од 1 до 9 одделение, информираат од Народна банка.
Децата и наставниците од ООУ „Кочо Рацин“ ги пречекаа претставниците на Народната банка, дарувајќи им искрени насмевки и посакувајќи им добредојде со претстава и изложба на детски изработки мотивирани од македонски денар, а во ООУ „Дебрца“ со приредба на која ги претставија истакнатите македонски дејци кои го завршија основното образование во ова училиште.
Народната банка продолжува со својата хумана мисија за подавање рака на децата за нивното образование – влогот во образованието на децата е најголем влог во иднината, додаваат.
OhridNews