Јавното претпријатие „Билјанини Извори“, со поддршка од пекарата „Феникс“, „Жито Леб“ и слаткарница „Палма“, донира храна за социјално загрозени граѓани. Покрај основниот оброк кој преку седмицата го добиваат во просториите на студентскиот дом „Никола Карев“, ним денес им беа доделени и пакети со производи од наведените охридски пекари, слатки од Палма, како и овошје донирано од ЈП „Билјанини извори“.

  • Ова го правиме за прв пат, по повод божикните празници со цел да им ја збогатиме трпезата на овие луѓе кои животот ги донел на работ на егзистенцијата. Целта беше и да се привлече вниманието на јавноста дека овие луѓе, кои немаат храна и средства сами да ја подготват, се меѓу нас и дека треба да им помогнеме. Се обративме до наведените компании и веднаш наидовме на позитивен одговор, вели директорката на ЈП Билјанини извори, Гордана Јованоска.

Моментално во народната кујна во студентскиот дом „Никола Карев“ се хранат 66 граѓани, односно 29 семејства, но нивниот број постојано варира.

  • Согласно договорот кој го има министерството за труд и социјална политика со Центарот за социјални работи, за народната кујна се одобрени 100 оброци. Засега се 66 граѓани, но нивниот број постојано варира.Имало години кога биле 80 или 90 граѓани, но сега се помалку.  Како центар се обидуваме што побрзо да ги решаваме случаите на граѓаните кои се обраќаат до нас, со цел што побргу да се вклучат и почнат да земаат оброк во денот, објаснува Дарко Мојсоски од охридскиот Центар за социјални работи.

Како што потенцираат организаторите на денешната донација, целта е да се анимира јавноста и да се зголеми бројот на компании и поединци кои ќе донираат за најранливите категории граѓани.