По повод Светскиот Денот на борба против гладта, 16 октомври и Недела на борба против гладта (16-22 октомври), под мотото „ПОМИСЛЕТЕ И НА НАС” Црвен крст Охрид од денес ја започнува кампањата за помош на најсиромашните наши сограѓани.

Активностите се насочени кон прибирање на финансиски средства преку продажба на вредносни бонови и прибирање на доброволни прилози наменети за набавка на прехрамбени производи за подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца. Во текот на Неделата на борба против гладта од 16-22 октомври, во повеќе маркети во Охрид ќе бидат поставени и видно обележени корпи во кои хуманите сограѓани ќе можат да ставаат-донираат прехрамбени производи наменети за помош на социјално загрозените семејства.

Гладта е најекстремна форма на сиромаштија каде поединецот или семејството не се во состојба да ги задоволат основните потреби за храна. Иако храната е основното човеково право, сепак стотици милиони луѓе ширум светот секојдневно гладуваат, а секои 3,6 секунди некој умира од глад.

Од општинскиот Црвен крст со апел до граѓаните, фирмите, институции, да се вклучат во хуманитарната собирна акција, во Неделата на борба против гладта и дадат свој придонес, според можностите, во олеснувањето на секојдневието на социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.

OhridNews