Со ребалансот на буџетот најавен на наредната седница на советот, се бришат милионски суми од програмите предвидени за капитални инвестиции и се зголемуваат трошењата како бенефит само за неколкумината избрани на кои директно од џебот на охриѓани ќе им се исплаќаат милионски суми, обвини денеска на прес конференција претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид, Сашо Донев.

Ставката за плаќање по судски решенија предлагаат да се зголеми за неверојатни 28 милиони денари. Како е дозволиво, знаејќи дека истите се разбира ќе бидат скратени од предвидените капитални расходи кои требаше да им донесат „живот” на охриѓани? Од програмата за изградба и реконструкција на улици и патишта се кратат околу пет милиони денари, за изградба на системи за водоснабдување четири и пол милиони денари, од изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води повеќе од три милиони денари. Околу три милиони се крати од култура, капиталните расходи во спортот се кратат за два милиони денари. Во основно образование се кратат неверојатни седум милиони денари, а во средно образование дури три милиони денари. – рече Донев.

Донев праша дали предвидениот ребаланс ќе ги скрати најавуваните инвестиции во образованието  и дали ветувањата за нови градинки и реконструкции на постоечките ќе почекаат со бришењето на 16 милиони денари, посочувајќи дека ветеното од СДСМ и Георгиески пред локалните избори паѓа во вода.

OhridNews