Владата на денешната 76-та седница ги усвои протоколите што ги предложи Комисијата за заразни болести, а кои се однесуваат на работата на базените и на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19.
Согласно Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19, освен задолжителното почитување на основните превентивни мерки за носење лична заштитна опрема на лицето, за физичка дистанца од 1,5 – 2 метри, често миење на рацете со вода и сапун, и редовно чистење и дезинфекција на околината на плажите, задолжително е точното и видливо информирање на посетителите со информативно – едукативен материјал за посетителите во однос на почитување на основните превентивни мерки и начинот на однесување, како и со гласовно информирање за придржување кон препораките.
Препораките опфаќаат правила за однесување на плажите кои се однесуваат на сите вработени лица и посетителите за лична заштитна опрема на лицето која што ги покрива пределот на носот и устата, достапни и видливи места за средства за дезинфекција на рацете, физичка дистанца од 1,5 – 2 метри, вклучително и при престој во вода, како и ограничување на бројот на посетители на плажата согласно квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 м² нето површина.
На плажите е задолжително меѓу индивидуалните чадори да се обезбеди минимално растојание од 4 метри, растојание од 1,5 – 2 метри помеѓу лежалките поставени под соседни чадори. Лежалките задолжително да се дезинфицираат пред и после користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави пешкир на лежалката пред да ја употреби.
Се забрануваат групните спортови на плажа
Се забрануваат групните спортови (како одбојка на плажа), и задолжително е одредувањето лица кои ќе го контролираат бројот на посетители и спроведувањето на мерките.
Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со КОВИД-19 уште ги уредува и санитарно – хигиенски мерки, препораките за вработените, а за користење на угостителски услуги се препорачува почитување на Протоколот за угостителска дејност во услови на пандемија со КОВИД-19.
На плажите не се препорачува користење на гардероби на плажа.
Пред влезот на базените задолжително е да се постави подлога за дезинфекција
Протоколот за работа на базените во тек на пандемија со КОВИД-19, покрај почитувањето на основните превентивни мерки за лична заштита, определува како задолжително пред билетарите да се обележи растојание (место за чекање) од 1,5 – 2 метри. Меѓу вработениот и посетителот да се обезбеди растојание од 1,5 – 2 метри или заштитна бариера. Да се препорача и практикува бесконтактно плаќање со кредитни картички. Да се обезбеди и препорачува онлајн купување на билети.
Пред влезот на базените задолжително е да се постави дезбариера (подлога) за дезинфекција на сите посетители и да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете со известување за посетителите за задолжителна дезинфекција на рацете при влегување и да се постави пред влезот на сите простории во објектот.
Задолжително е редовно информирање на посетителите, а користењето на соблекувалните е дозволено по принцип еден посетител во една соблекувална со воспоставување на ред и незадржување од страна на назначени лица од редарска служба. Зачестено да се чистат и дезинфицираат соблекувалните на секои 2 часа (по потреба и почесто).
При влез во базенскиот дел, задолжително секој посетител да се истушира и да помине преку хиперхлорирана дезбариера за миење на нозете.
На базените не се препорачува користење на угостителски услуги
Сите вработени лица и посетителите до влегување во базенот задолжително да носат лична заштитна опрема на лицето што подразбира било каква форма на заштита којашто ги покрива пределот на носот и устата, како и да одржуваат физичка дистанца од 1,5 – 2 метри вклучително и во базенските води.
Се ограничува бројот на посетители во објектот согласно квадратурата на објектот, максимум 15 посетители на 100 м² нето површина (вклучително и површината на базенот) или еден пливач на 7 м² во базенот, и задолжително да се одредат лица кои ќе го контролираат бројот на пливачи во базенот (согласно погоре наведениот норматив) и кои ќе го контролираат на спроведување на мерките.
Протоколот ги утврдува и останатите санитарно – хигиенски мерки и препораки за вработените кои се задолжуваат да водат евиденција за секој тренинг, организирана спортско – рекреативна активност или слободно користење на базенот од страна на граѓаните со цел полесно епидемиолошко следење во случај на појава на заразен со КОВИД-19. За секој посетител да се обезбеди податок за време и дата на посета/тренинг, име и презиме, телефонски број за контакт, име на тренерот/група/инструктор итн.
На базените не се препорачува користење на угостителски услуги, а за оние во состав на хотелски капацитети се препорачува почитување на горенаведените препораки, со напомена користењето на базенот да биде дозволен само за гостите од хотелот.
Во кафулињата и рестораните ќе можат да седат повеќе од две лица на маса
Владата денеска донесе и измени и дополнувања на протоколите за работа на кафулињата и на угостителските објекти за исхрана со кои се укинуваат ограничувањата за седење на две лица на една маса, како и ограничувањето со кое се определуваше дека на една маса можат да седат четворица само ако се од исто семејство.
На седницата беше заклучено Комисијата за заразни болести да го разгледа прашањето за давање дозвола за транзит со приватно возило низ територијата наземјата за државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кое не беше опфатено со мерките за државјаните на овие земји.
Р.С. Македонија се приклучи кон глобалната набавка на вакцини за КОВИД-19
Владата на оваа своја седница ја разгледа и усвои Информација за можноста на Р.С. Македонија да се приклучи кон глобалната набавка на вакцини за КОВИД-19, преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефикасни вакцини за КОВИД-19, и го овласти министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче да ја потпише необврзувачкатa изјава за намери за приклучување кон COVAX механизмот, и да учествува во дискусиите за консултации за дизајнот и принципите на работа на механизмот, што ќе се одржат во текот на овој месец.
OhridNews