Доналд Трамп официјално стана 45-от претседател на САД, положувајќи свечена заклетва пред претседателот на Врховниот суд Џон Робертс.
„Јас, Доналд Трамп, свечено се колнам дека верно ќе ја вршам должноста претседател на САД и ќе сторам сè што е во моја моќ да го чувам, заштитувам и бранам уставот на САД. Бог нека ми помогне“, го изговори Трамп текстот на свечената заклетва, држејќи ја десната рака подигната кон судијата Робертс, а левата положена на две Библии. Првата му ја подарила мајка му како дете, а втората е онаа врз која заклетва дал Абрахам Линколн, пренесува „Макфакс“.
Трамп со точно 70 години е најстариот американски претседател во првиот мандат. Тој во свечениот говор по инаугурацијата, рече дека ќе ја врати моќта на народот.
Истакна дека ќе се заложи да се возобноват фабриките и Американците да се вработат и повторно да почнат да ја издигнуваат економијата.
Според Трамп, Америка треба да започне да ги средува работите од внатре, да стане пример во кој целиот свет ќе се огледува.
Во меѓувреме повеќе од 90 лица се уапсени во Вашингтон која на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп демонстрантите се судрија со полицијата, соопшти во петокот полицијата на сојузната престолнина.
Маскирани активисти недалеку од Капитол Хил протестираа вандалски кршејќи излози на дуќани и ресторани. Носеа анархистички знамиња и натписи како „Придружете му се на отпорот, возвратете го ударот сега“. Полицијата во зауздувањето на безредијата користеше солзавец, пренесува CNN.
OhridNews
извор: „Макфакс“