Професионална униформа за шумски пожари, алатки и дрон за рано детектираење на шумските пожари, како и компресор за полнење на дишни апарати се дел од новата опрема која ја доби Територијалната против пожарна единица во Струга.

Командирот на ТППЕ Струга Фети Мазари информира дека со оваа опрема ќе се подобрат условите за работа, но и можностите за побрза реакција.

Добивме комплетна опрема за технички интервенции за 22-ца пожарникари. Новата опрема ќе овозможи подобри услови за работа на струшките пожарникари, а со тоа и побрзи интервенции. Дронот ќе помогне во брза детекција на локацијата на пожарот, пристапноста на теренот, што ќе овозможи побрз пристап и реакција од страна на пожарникарите, истакна Мазари.

Ова е дополнителна подготовка за престојната летна сезона кога пожарите се поактивни, а пожарникарите се секогаш спремни за извршување на задачите на терен за посигурен и побезбеден град и граѓани.

Донацијата е во рамки на проектите „Пост ковид – општините како двигатели на одржлив развој“ и „Зајакнување на општинските совети“ од УНДП Македонија и Швајцарска агенција за развој.

OhridNews