Здружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите „СОС Балкан медиа”, во соработка со компаниите „Зегин“ и „Лозар“ од Велес, денеска донираше илјада литри медицински алкохол за потребите на здравствените установи во Охрид.

Донацијата се реализира по идеја на градоначалникот на Охрид Константин Георгиески и директорот на Општата болница во Охрид, Горан Балевски. Освен охридската Општа болница, медицински алкохол ќе добијат и Центарот за кардиоваскуларни болести и болницата Св. Еразмо, како и болниците во Струга, Ресен, Вевчани, Клиничкиот центар во Битола.

  • Ацијата за донирање продолжува утре со донација на нова количина медицински алкохол, со илјада литри за Инфективната клиника во Скопје, за Општата болница во Куманово, како и по 300 литри за болниците во Тетово, Гостивар и Дебар, изјави претседателот на „СОС Балкан медија”, Сашо Денесовски.

Диел Аголи, координатор на Кризниот штаб во Општата болница во Охрид за справување со коронавирусот, им се заблагодари на сите компании, невладини организации, здруженија на граѓани и поединци кои помогнале за комплетно опремување на персоналот на Општата болница во Охрид со заштитна опрема.

  • Досега имаме добиено 270 скафандери со каљачи, хируршки, платнени и маски Н-95 за работа со најкритични пациенти кои за среќа во моментов ги немаме. Се надевам дека ваквите акции ќе продолжат, изјави д-р. Аголи.

Градоначалникот на Охрид изрази благодарност за донацијата, повикувајќи ги и останатите субјекти да се вклучат со слични акции за полесно надминување на кризата со Коронавирусот.

Од избувнувањето на епидемијата со коронавирусот „СОС Балкан медиа” во соработка со „Зегин” и „Лозар”од Велес досега има реализирано донации во медицински материјал во вкупна вредност од речиси 186 илјади евра.

Ohridnews