Опремата во одделението за Гинекологија и Акушерство при охридската Општа болница, од денеска е надополнета со нов апарат-Пулсоксиметар, кој е донација од компанијата „Виолета“, во рамки на нивниот проект „Создаваме Заедно“.

Општата болница во Охрид и компанијата „Виолета“ својата соработка ја започнаа во месец јули, при што беше договорено секое новороденче да добие подарок пелени и влажни марамици. По повод донациите, претставници од компанијата „Виолета“, ја посетија охридската болница и заедно со вработените разговараа за нови понатамошни заеднички проекти. Од болницата изразија голема благодарност  за донацијата и го пренесоа задоволството на пациентите за добиените подароци. Од „Виолета“ потенцираат дека најважно е потрошувачите да бидат задоволни, што е еден од мотивите за понатамошно вложување во подобрување на квалитетот и развојот на нивните производи.

Проектот „Создаваме Заедно“ официјално беше претставен во ЈЗУ Универзитетската болница за Гинекологија и Акушерство во Скопје, каде на јавноста и беше прикажан новиот изглед на самата клиника. Иницијативата ја поддржа и министерот за здравство, Венко Филипче, кој јавно и се заблагодари на компанијата „Виолета“ за донираните средства.

OhridNews