Ракометарите на Охрид, имаа успешна премиера пред публиката во СРЦ „Билјанини Извори“ совладувајќи го скопски Работнички со 34-22 (18-10) во втората рунда од македонската Супер лига.
Охриѓани на дуелот со тимот на Работнички на доминантен начин стигнаа до првата победа сезонава контролирајќи го резултатот од почетокот до крајот на натпреварот.
Избраниците на Раде Стојановиќ почнаа фуриозно. Одбраната беше не`пробојна, а нападот погодуваше од полуконтри и контри за водство од 5-0. Работнички после десеттина минути се стабилизираше и покажа заби намалувајќи на 8-5.
Околу 20-та минута, охриѓани уфрлија брзина погоре и ја вратија предноста од пет голови (12-7). Силното темпо го задржаа до крајот на првиот дел и обезбедија осум погодоци после триесет минути игра.
Каде што застана Охрид во првото полувреме продолжи во второто и со нова серија од 4-1 стигна до убедливо водство 22-11.
Разликата на семафорот не се менуваше иако охридскиот тренер ротираше со играчите во поле. Напротив, ракометарите кои добија шанса од клупата покажаа квалитет и ставија точка на победата.
Во третата рунда од ракометната Супер лига, Охрид ќе се сретне со битолски Пелистер.
Охрид: Брауновиќ, Даниловски, Андоновски 2, Кривокапиќ 5, Блажески 6, Костов 2, Гошевски, Цицелишвили, Иваноски 3, Соколов 3, Тасески 5, Манасков 2, Ристески 1, Димитриески 1, Анастасовски 2, Тот 2
Работнички:Куртановиќ, С. Кочаров, Михајловиќ , Гичев, Шуклески, Стефаноски, Петковски, Свртинов, Темелкоски 2, Полиак 3, Мисаилески, М. Кочаров, Палевски 10, Бошкоски 1, Сулима 5, Илиевски.
OhridNews