Серијата без победа на Ракометниот клуб Охрид во натпреварите од плејофот во Супер лигата продолжува и по седум одиграни мечеви. Шестиот пораз на охриѓани им го нанесе скопски Металург, кој во СРЦ „Билјанини Извори“ славеше со 36-28 (19-12). „Металурзите“ до петтиот триумф во разигрувањето стигнаа на доминантен начин водејќи од почеток до крај на натпреварот.
Доброто отварање на мечот на „металурзите“ им донесе предност од четири голови (5-1). На средината од првото полувреме гостите успеаја да дојдат до +5 (10-5), а неколку минути подоцна и седум голови позитива (13-6). Во последните десеттина минути „гладијаторите“ со серија од 3-0 дојдоа до 13-9, но „металурзите“ не дозволија изненадување и „будење“ на атмосферата во „Билјанини Извори“ и до крајот на првиот дел ја вратија предноста од седум голови (19-12).
Второто полувреме Металург го започна со 5-2 за прво двоцифрено водство (24-14) на семафорот. Разликата од десет погодоци траеше до 28-18, кога охриѓани со мини серија го анулираа на седум-осум голови. До крајот на мечот се играше гол за гол, а гостите го задржаа водството за конечна победа 36-28.
Охрид со само еден бод останува на последната позиција на табелата, додека Металург ја продолжува битката за втората позиција со битолски Еурофарм Работник.
Најпрецизен во составот на Металург беше Халил Јагањац со осум голови, шест реализираше Димитар Димитриоски, пет постигна Фили Арсеновски, а на голот расположен беше Мартин Томовски, кој собра 13 успешни интервенции. Во тимот на Охрид шест постигна Бобан Блажески, пет Јовица Младеновски, а Благојче Трајкоски запиша 9 одбрани.
Во осмата рунда која ќе се одигра за две седмици Охрид гостува во Скопје кај екипата на Пролет.
Мх.П.