Домашна ѕвезда ќе ги забавува охриѓани за најлудата ноќ, соопшти денеска општинскиот одбор за организацијата на прославата на Нова година на градскиот плоштад.

Прославата  ќе започне со најмладите кои на 31 декември во 11 ч. ќе го пречекаат Дедо мраз на плоштадот каде е предвидено градоначалникот на Охрид да подели околу 400 пакетчиња.

Загревањето вечерта ќе започне со локални и изведувачи кои настапија на фестивалот Канео фест, а главната журка стартува во 23 ч. со настап на најмалку една позната ѕвезда од домашната естрада, ни изјави Сашо Алче координатор на организациониот одбор.

Името на изведувачот или изведувачите ќе биде познато најдоцна до петок до кога се очекува да завршат преговорите со продуцентските куќи. Тогаш ќе биде позната и висината на хонорарот во што општината ќе учествува делумно, додека поголемиот дел од средствата се очекува да ги обезбедат спонзорите, рече Алче.

Инаку  украсувањето на Охрид за новогодишните празници започна денеска.

Ќе се украсуваат булеварите “Македонски Просветители“ и “Туристичка“ кејот “Маршал Тито“ до пресекот со улицата “Јане Сандански“, парковите и двата плоштади во центарот, како и старата чаршија која оваа година за прв пат ќе биде украсена со „ѕвездено небо.
Покрај ова со реквизитите со кои располага општината предвидено е да се украсат влезовите на градот, како и повеќе други улици.

Украсувањето ќе го вршат фирмите “Линк медиа“ од Скопје и “Дрита“ од Гостовар, кои се очекува работата да ја завршат до крајот на оваа недела