Имаат куќи, немаат дом.
Имаат пари, немаат сон.
Имаат жени, немаат милост.
Имаат љубовници, немаат мир;
некои и по две и малку им се.
Имаат деца, немаат трпение.
Имаат родители, немаат разбирање.
Имаат роднини, немаат муабет.
Имаат другари, ни еден вистински.
Имаат облека, немаат себапи.
Имаат обувки, немаат пат.
Имаат мозок, немаат ум.
Имаат срце, немаат чувства.
Имаат страст, немаат љубов.
Имаат храна, немаат наситка.
Имаат долгови, немаат срам.
Имаат гревови, немаат покајание.
Имаат гнев, немаат прошка.
Имаат спомени, солзи и горчини.
Имаат планови, немаат храброст.
Имаат мечти, немаат верба.
Имаат надежи, им тонат во стравови.
Немаат болест, а болни се.
Немаат рани, а крварат.
Немаат образ, а мислат лични се.
Немаат душа, а велат “добри сме”.

Да останеш во изолација, на неодредено време и со вакво бреме, најмалку ќе те загрижува пандемијата. Многу пострашно е да се расклопиш ко сложувалка и да се склопиш секој ден по еднаш, внимателно набљудувајќи го секое делче од себеси.

Тешко е да им наредиш на мислите да не те носат таму кај што ти е неудобно. Да бегаш од минатото, да бегаш од сегашноста, а да не знаеш како ќе е во иднината, па да цупкаш во беспаќе и да чекаш ко очајник да дојди сонот и да заврши уште еден ден.

Ќе ти фали кафаната,теретаната,чаршијата, секое место кај што вешто се криеше од себеси. Ќе ти фалат ликови покрај кои се чувствуваше барем малку поуспешен од нив. Ќе ти фали да избегаш од местото на кое си сега, а токму на тоа место треба да ти биде најдобро. Полни куќи тежини, празни луѓе во нив.

Речете “благодарам” за можноста во цела несреќа, сакале или не, да расчистите многу работи со себе. Го имате цело време на светот, да стиснете “пауза” на животот и да го исчистите ѓубрето од под теписите, а тоа е баш добра прилика.

Второто полувреме ќе бидиме сите победници ако излезиме од ова подобри и помудри.

“Ум царува, ум робува…”

И да…дома (не)е страшно… за некои.

Марика

*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите