Демократската обнова на Македонија – ДОМ денеска, петок, ќе испорача 10.000 книги на жителите на областите Голо Брдо и Гора во Република Албанија. Книгите ќе ги предаде Лилјана Поповска, претседател на ДОМ, а ќе ги прими Едмунд Османи, советник во Голо Брдо од македонското малцинство во Албанија. Тие се наменети за десетте училишта на македонски јазик во овие области со околу 400 ученици.
Книгите и училишниот прибор беа собрани во хуманитарната акција „Книгата моја патува“ што ДОМ ја организираше по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Собирањето книги траеше и во текот на месец јуни и тоа во повеќе градови во Македонија. Книги донираа повеќе издавачки куќи, библиотеки, членови и симпатизери на ДОМ, граѓани ширум Македонија.
По повод примопредавањето на книгите во Голо Брдо ќе биде организирана скромна свеченост на која ќе настапат актерите Ѓорѓи Јолевски и Рубенс Муратовски.