Нерасчистени должничко-доверителски односи била причината за синоќешниот оружен инцидент во скопската населба Аеродром, кога загинаа три лица.

Ова денеска го соопшти Министерството за внатрешни работи, повикувајќи се на изјавата на лицето што го извршило убиството, а кое утрово самото се предало во полиција, пренесеува „Макфакс“.

Официјално, синоќа биле убиени 36 годишниот Владо Милошев, кој бил припадник на МВР, 37. годишниот Јордан Јорданов и 26. годишниот Влатко Андреевски. Првичните неофицијални информации се дека убиството го извршил 47 годишниот Тони Денковски од Скопје.

Од изјавата на приведениот кривичното дело го извршил поради нерасчистени должничко-доверителски односи со Јордан Јорданов, кој бил вмешан во франкфуртската мафија.

МВР не располага со информации како припадникот на полицијата се нашол на иста маса со другите двајца убиени. Дали тоа било случајна средба или се работело за претходно познатство, не е познато, иако од МВР тврдат дека полицаецот немал никакво криминално досие.

Според министерката Гордана Јанкулоска, безбедносната ситуација во земјата не е загрозена и МВР навремено ги расчистува ваквите инциденти.

OhridNews

извор: „Макфакс“