На најновата „должничка листа“ што ја објавува Министерството за финансии Тетово го презеде непопуларното „прво место“ од Општина Охрид, која, пак, со помошта од државата и отпис на камати на долгови во договор со доверителите значително ги намали долговите, но се соочува со нови финансиски проблеми предизвикани од стари долгови и нови побарувања. Пример за тоа е тужба од 1980-те која ја оптоварила општината Охрид за речиси половина милион евра.
Растат долговите на општините во земјава. Дури 70 од вкупно 80 општини во земјава пријавиле доспеани, а неплатени обврски по различни основи. Ова значи дека 87,5% од сите општини во земјава се соочуваат со финансиски проблеми за редовно сервисирање на обврските. Во третиот квартал од годинава доспеаните, а неплатени обврски на сите општини во земјава изнесуваа 63 892 100 евра. Споредбената анализа во однос на состојбата со вториот квартал покажува раст на неплатените обврски за 13 милиони евра. На најновата “должничка листа“ што ја објавува Министерството за финансии, заклучно со третиот квартал од 2020- та, во првите десет најголем должници се три општини, Тетово, Охрид и Карпош, покажува анализата на Истражувачката мрежа СКУП.
Освен овие три општини , првата “Десеторка најзадолжени“ ја чинат и општини кои имаат долгови повисоки од 1,5 милиони евра.
Со помош на државата преку финансиската инјекција која што беше дадена на задолжените општини во 2019- та, но поради постигнати спогодби со дел од добавувачите за отпис на камати – локалната самоуправа досега го намали долгот за дури 19,5 милиони евра. Само по основ на отпис на камати, долгот е намален за скоро 4 милиони евра. Општината долго време се соочува со финансиски проблеми кои се обидуваме да ги решиме, но и натаму се појавуваат побарувања кои го зголемуваат долгот. – изјави градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиевски.
Направивме увид во документ кој ни беше доставен од општина Охрид и кој покажува дека влошувањето на финансиската состојба на општините е процес кој трае со децении. Се работи за тужба по предмет за експропријација од далечната 1980-та година, за што општината сега , по цели четири децении, треба да плати 415 000 евра.
Во Комората на извршители немаат точен податок колку општини во моментов се блокирани од страна на извршителите. Но, велат дека некои општини постојано се солвентни, а некои со години имаат блокирани сметки.
Прашувате како тогаш функционираат општините со блокирани сметки? Тоа е овозможено поради законската одредба, судот да определи праг-износ на пари на сметката, над кој може да се префрлат парите за доверителот. Тоа значи дека сите пари до тој износ се слободни за општината да ги располага, каматите да течат и понатаму, а доверителот се потешко да ја исполнува сопствената солвентност. – велат од Комората на извршители.
За оваа состојба, за која велат дека и ним им причинува главоболка, предлагаат решение.
Состојбата може да се реши, пред се, со тоа што општините ќе преземат обврски за плаќање само онолку колку што можат да плаќаат. Не ни е познато каква смисла има да се финансираат потребите на општините на товар на нивните добавувачи или било какви други доверители по било кои основи. А второ, да се укине одредбата од Законот за извршување која ја штити општината и всушност со постоењето на таквата одредба се стимулира ваквото недомаќинско задолжување на општините.
Ревизорско скенирање: отсуство на финансиска отчетност
Наспроти милионските долгови кои во иднина повторно ќе паднат на “грбот“ на граѓаните, се поставува прашањето дали општинските власти отчетно и одговорно го трошеле општинскиот буџет. Изминатите години ревизорите влегоа во поголем број на општини и лоцираа бројни законски прекршувања, па дури открија општини кои трошеле и спроведувале јави набавки, иако законски биле принудени да прогласат “банкрот“. Таков е примерот со општина Струга.
Во континуитет, подолго од шест месеци, од 2010-та година сметката на општина Струга е под блокада. И покрај ваквата состојба градоначалниците што ја раководеле општината не донеле одлука за прогласување финансиска нестабилност. – се наведува во еден од последните ревизорски извештаи кои се однесуваат на работењето на оваа општина.
И покрај тоа, градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, во 2018 година, кога општината имаше долг од 4 милиони евра, купи четири возила во вредност од 114 000 евра, од кои едното луксузно „Ауди 6“ од 66 илјади евра, што е најскап автомобил купен со јавни пари во последните три години. Антикорупциската комисија во 2019 година покрена иницијатива за кривична одговорност, не само за возилата, туку и за сите забелешки што ги најдоа ревизорите. Јавното обвинителство за организиран криминал отвори предистрага, но сè уште нема завршница.
Од Антикорупциската комисија велат дека до сега немале отворен предмет за нетранспарентно работење на општините и до нив не стигнала таква пријава од граѓани. Но, велат дека од следната година ќе работат превентивно.
Целосната анализа може да ја прочитате на следниот линк.
Истражувачка мрежа: СКУП
Aвтори: Анета Додевска и Ружица Фотиновска