Македонскиот селектор Марин Докузовски кој ја предводеше Македонија до историското четврто место на ЕП во Литванија изрази жалење што нема да играме во Лондон.
Докузовски во изјава за “Дневник“ вели:
– За жал, бев во странство, не гледав два од трите меча на македонскиот тим, па не можам поконкретно да зборувам зошто сме загубиле од Доминиканците и да давам оцена. Пред мечот изјавив дека не треба да се бркаме со нив бидејќи не можеме да ги наттрчаме, побрзи се. Генерално гледано, ова не е голем неуспех, но тешко дека другпат ќе ни се укаже ваква шанса. Особено по поразот на Грција од Нигерија, шансите да ја оствариме целта ни беа големи. Многу ми е криво за играчите, заслужија да играат на Олимписки игри – вели Докузовски.
Иако при официјалната разделба со челниците на Македонската кошаркарска федерација беше објавено дека Докузовски ќе биде советник во стручниот штаб на националниот тим, тоа не се случи.
– Требаше да бидам советник, но никој не ми се јави и не побара совет од мене. Немав увид што се случува во репрезентацијата и затоа не можам да коментирам. Криво ми е што некој се обиде и успеа да ја раздвои „фамилијата“. Во репрезентацијата бевме како семејство, но тоа веќе го нема – додава Докузовски, кој сега е тренер на бугарскиот првак Лукоил Академик. Неговите „студенти“ ќе играат квалификации за влез во Евролигата, што е првпат за бугарски тим да добие таква покана.
извор “Дневник“
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com