Првото издание на меѓународниот кошаркарски турнир „Охрид трофеј 2013“ помина низ будното око на Марин Докузовски. Според него ваквите турнири треба да станат практика и традиција во Македонија, а посебно во Охрид, кој заслужува екстра квалитетен турнир од меѓународни рамки.

– Охрид како град заслужува ваков турнир и треба а и мора тој да прерасне во традиција која долго ќе се негува. Условите во Охрид за турнири во почетниот дел од сезоната се маестрални. Со одржувањето на турнирот македонската кошарка отиде еден чекор понапред – рече Докузовски.

Четири екипи од три земји учествуваа на премиерниот кошаркарски турнир во Охрид. Пехарот го однесе тимот на Раднички од Крагуевац, кој во финалето го совлада МЗТ Скопје.

– Учесниците на турнирот беа доста квалитетни. Имавме две екипи кои сезонава ќе играат во Улеб купот, МЗТ Скопје и Лук Оил, Раднички е редовен учесник на завршните турнири во српската лига и игра во АБА лигата, додека Металац е долгогодишен член во лигат на Србија која е една од најквалитетни на Балканот – потенцираше Докузовски.

Охриѓани покажаа голема желба за кошарка, а „докторот“ го поздрави тоа и посака турнирот да прерасна во традиција која ќе се негува со години.

– Иако екипите се во подготвителен период сите кошаркари во Охрид покажаа желба за победа што е многу позитивно за публиката која дојде во доста солидна бројка. Во двата дена гледавме одлична кошарка без премногу штедење на кошаркарите, а шлаг на тортата беше финалниот натпревар, кој ја крена целата сала на нозе – заврши искусниот стратег.

Мх.П.