Селекторот Марин Докузовски, кој ја одведе македонската кошаркарска репрезентација до четвртото место на Евробаскетот пред две години ја отвори душата и ги соопшти причините зошто не го продолжи селекторскиот мандат.

– Од 20 септември 2011 до 5 јануари 2012, немав никаков контакт со никого од Федерацијата. Тие три и пол месеци никој не ме праша кај сум, од што живеам. Јас морав да барам нова работа, па откако потпишав договор со бугарски Лукоил, ми се јави претседателот на КФМ. Во тие моменти бев под договор и веќе не можев да ја менувам таа одлука, но и покрај тоа се договоривме да бидам советник и да помагам на репрезентацијата. Меѓутоа, ни од тоа не стана ништо. Од кои причини не знам – потенцираше Докузовски во интервјуто за „Точка.мк“.

Кошаркарската федерација на Македонија го изостави искусниот стратег од церемонијата по повод 20 години од првиот натпревар на репрезенација на полувремето од мечот со Литванија, што не било изненадувачки за Докузовски.

– На сите ќе им стане јасно кои се моите односи со федерацијата само ако се запрашаат како можеше да не ме поканат да присуствувам на 20 годишнината на македонската репрезентативна кошарка, а не пак да ми доделат некое признание. Мислам дека јас сепак сум заслужил да бидам присутен на таа церемонија. Меѓутоа тие со тоа покажаа што мислат за мене – истакна Докузовски.

Причина за неуспехот да се повтори и подобри историскиот пласман на ЕП во Литванија на континенталниот собир во Словенија екс-тренерот на Работнички гледа во лошата поставеност во играта и лесно пробојната одбрана под обрачите.

– Во Литванија повеќе игравме со двајца плејмејкери каде што Илиевски и Мекејлеб беа во тандем додека во Словенија повеќе игравме со еден класичен плејмејкер. Потоа, пред две години игравме многу поквалитетно и поцврсто во одбраната. Многу повеќе се залагавме во дефанзивата, додека пак во Словенија повеќе акцент се ставаше на нападот. Мислам дека и подготвеноста на кошаркарите на физички план беше доста слаба. Кондицискиот тренер Сандро Бенкардино требаше да се задржи по секоја цена – смета искусниот тренер.

Според најуспешниот тренер во Македонија за повторување на успехот од Литванија се потребни од четири до пет години и далеку подобро работење во и надвор од кошаркарската федерација.

– Треба доста работи да се променат во кошарката во Македонија за да се повтори успехот од Литванија. Мислам дека оваа година бевме најблиску до уште еден таков успех. Сега не очекува смена на генерации, па ќе треба да почекаме да поминат четири-пет години за да се најдеме во можност за слична радост како таа од пред две години – заклучи Докузовски, кој моментално е без тренерски ангажман.

Мх.П.