Ние нема од кого да се плашиме, ние не сме фаворити и тука ја гледам нашата шанса на Европското првенство во Словенија – рече Марин Докузовски, кој, како селектор ја предводеше Македонија до четвртата позиција на ЕП во Литванија 2011 година и додаде – Сите репрезентации во нашата група ќе се плашат од нашата селекција и на стартот од мечот ќе влегуваат со голем респект. Македонија има многу квалитетна селекција, која е поискусна за едно Европско првенство. Формата на репрезентативците е задоволителна. Перо Антиќ игра две години по ред во финалето од Евролигата и го освојува,  браќата Дајман и Војдан Стојановски имаат многу напреднато, а за квалитите на Лестер Бо Мекклејб нема што да се зборува.


Докузовски во Охрид го доведе „Тренерската клиника“ која се одвиваше изминатиот викенд, а предаваше неговиот голем пријател Жељко Обрадовиќ заедно со Димитрис Итудис и Словенецот, Антон Крумп.

–  Прв пат се случува во Македонија да дојдат вакви реномирани имиња во кошарката. Со српскиот стратег Обрадовиќ се познавам многу одамна и можам да кажам дека подобро нешто неможеше да и се случи на кошарката кај нас. Еден ваков стручњак заедно со неговиот помошник Итудис кои не се делат никогаш може да ни презентира како работи еден клуб, кој долги години беше на врвот од европската кошарка. Сите тренери кои присуствуваме на „клиниката“ стекнавме големо искуство и ваквите настани треба да прераснат во традиција –  смета Докузовски.


На „клиниката“ присуствуваа 83 тренери од Македонија и седум од другите земји,  а Докузовски смета дека ваквите манифестации се неопходни за развивање на македонската кошарка.

–   Требаше да има ваков настан за да се изброиме колку тренери не има во Македонија. Интересот е голем што е за поздрав бидејќи сите ние кои сакаме да напредуваме мора да учиме од ваков стратег. Ако ваквите настани прераснат во традиција ништо чудно за година – две оваа клиника да добие интернационални размери – посочи Докузовски.


Докузовски најголемиот успех во својата богата кариера го забележа на Европското првенство во Литванија како селекторот на Македонија освојувајќи го четвртото место, а тренерската одисеја ја продолжи во бугарскиот тим, Лукоил Академик.

– Не се живее на стара слава секако дека тие сеќавања ќе си бидат во моето срце, но еве пред нас е ново Европско првенство и се надевам дека Македонија ќе го повтори и подобри успехот од Литванија. Да се работи во репрезентација е многу поразлично од клубовите. Во екипите играчите се платени да играат, а во селекцијата треба да имаат љубов кон својата земја и секогаш да даваат максимум. Селекторската работа е специфична, бидејќи сте лимитирани со играчи додека во клубовите можете да ја донесеш секоја коцка што ви недостасува во мозаикот. Како селектор мораш да ги познаваш сите карактери и квалитети на кошаркарите, а сето тоа треба да го склопиш за да репрезентацијата изгледа како права „екипа“ – заврши  македонскиот стратег.

Михаил Постоловски