Македонската кошаркарска репрезентација на Европското првенство  доби група која во многу работи личи на онаа од пред две години во Литванија. Тогаш селекцијата на Македонија предводена од селекторот Марин Докузовски, стигна до историскиот пласман во најдобрите четири селекции на стариот континент.


–    Групата е слична, можеби и полесна од онаа во Литванија. Шансите за пласман во понатамошната фаза на македонската репрезентација се големи. Србите во моментов не функционират добро како репрезентација. Црна Гора и Босна и Херцеговина ни се познати противници. Литванија најави подмладување на селекцијата додека Летонија е рамо до рамо со репрезентација на Финска, која ја победивме на ЕП. Но, Македонија сите противници ќе ја гледаат на друг начин и пристапот на играта мора да биде повеќе од 100%. Сите ќе ги анализираат кошаркарите до детал и нема да може ништо да ги изненади – посочи селекторот на легандардната селекција од Литванија, Марин Докузовски.


Верната сенка на Докузовски, а подоцна и селектор на македонската кошаркарска репрезентација Марјан Лазовски исто така е оптимист по извлекувањето на групата.

–    Нема фаворити што се издвојуваат во нашата група. Ни еден противник не е лесен, ако во мечот влезеш лежерно. Пристапот на играта беше она што ја красеше Македонија на ЕП во Литванија. Тоа историско четврто место треба да води напред, и да биде штимунг за новите генарации. Исто така многу работи зависат кои кошаркари ќе се најдат на списокот на идниниот селектор на македонската репрезентација. Верувам, дека ќе го избере вистинскиот и ќе не одведе до уште едно историско место на Европските првенства – потенцираше Лазовски, кој беше селектор на Македонија на предквалификациите за Олимписките игри во Лондон.

Мх.П.