Во периодот од 04 до 09 август на планината Галичица се одржа првиот спелеолошки камп „Галичица 2015“, во организација на СК „Златоврв“ – Прилеп и „Bottom Time“ – Охрид. Целта на кампот беше да се потврдат познатите информации за пештерите на Галичица, да се откријат нови канали во познатите пештери и да се откријат нови пештери на Галичица. Воедно овој камп претставува почеток на посериозни спелеолошки истражувања и проучувања на Галичица кои треба да претстојат во иднина, велат организаторите.

-Согласно планот, голем дел од предвидените задачи беа реализирани, меѓутоа временскиот период не ни дозволи да реализираме се од предвиденото. Покрај истражувањата, кампот имаше и педагошка задача, па неколку помлади членови имаа можност за прв пат посеризно да се вклучат во спелеолошки истражувања, со што се гради еден вид база за идни спелеолошки истражувања. Младата екипа пријатно изненади, па откри нова пропаст во близина на пропаста Рблок, со што целосно го оправда нивното учество на кампот. – истакнаа од „Bottom Time“.

На кампот учество зедоа 11 спелеолози. Беа истражувани 4 пештери, од кои 2 нови, а во една бил откриен нов канал, регистрирани биле две нови дувала, а започна и истражувањето на изворот Тушима. Покрај тоа била изведена и вежба на спелео (SRT) техники, а дел од учесниците за прв пат пробаа и да нуркаат во отворени води.

Истражувањата на пештерите на Галичица кои ги одобри ЈУ Национален Парк „Галичица“ се документирани, а организаторите на спелео кампот најавуваат продолжување на активностите во иднина

OhridNews