По повод 600 години од неговото прво документирано подигнување и 150 години од последната голема обнова, православниот храм „Св. пр. Илија“ од охридското село Елшани деновиве ја издаде првата монографија за селото со која на најсвечен начин се одбележува двојниот јубилеј, а истовремено се остава неизбришлива трага за иднината.

Автор на книгата е писателот Мишо Јузмески, кој на близу 200 страници ги обработува најзначајните теми кои се однесуваат на минатото и сегашниот живот на селото. Книгата е поделена во пет целини во кои се опфатени основните податоци за местоположбата, историскиот развој, духовната и материјалната култура, стопанскиот живот и демографијата на селото.

– Книгата под наслов „Елшани – живот меѓу каменот и водата“ од истражувачот и писател Мишо Јузмески од Охрид претставува длабоко студиозен зафат за целокупниот живот на охридското село Елшани. Авторот Јузмески нуди комплетен преглед или подобро кажано длабинско скенирање на битисувањето на ова населено место. Неговото дело ќе предизвика интерес не само кај луѓето од тој крај, туку и среде останатиот дел од јавноста во Македонија, истакна рецензентот Александар Донски.

Според Тоде Илиевски, исто трака рецензент, Мишо Јузмески со својата студија за охридското село Елшани направи дело кое на најубав начин му се противи на времето, што значи потврда на древната, но секогаш актуелна мисла дека само она што е запишано има неизбришлив доказ за постоењето.

Ohridnews