Во Кинотека на Македонија во Скопје вечерва премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Звуците на Ариранг“ посветен на корејскиот поет Ко Ун, минатогодишен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. Филмот е во режија на Диме Ратајкоски, а во продукција на Македонската радиотелевизија.

Станува збор за филмски портрет на една ретка творечка личност чие творештво заради уметничките и естетските вредности одамна е валоризирано меѓу најзначајните во светската поезија од втората половина на XX-тиот и почетокот на XXI-от век. Премрежјата, поделбите и страдањата низ кои минува корејскиот народ, наоѓаат одраз во неговиот творечки пат.

Ко Ун е роден во 1933 во градот Гунсан, во корејската провинција Чола, во време кога земјата била под окупација на Јапонија. Критичарите се единствени во рецензиите кои говорат дека огромниот опус од 150 дела на Ун не може да се спореди со творештвото на ниту еден жив автор во светот. Напишал повеќе од кој било корејски поет. Издал 140 книги од кои 50 се книги поезија. Комплетното творештво објавено пред неколку години е собрано во 40 томови.  Ален Гинзберг го опишал како „грандиозен поет, комбинација на будистичка маестралност, страстен политички либерал и историски натуралист“, а дека пезијата на Ко Ун ја отсликува корејската душа.

 

OhridNews