На 29.03.2010 година, првопријавениот од оштетените побарал и примил 700 евра, а неколку денови подоцна, на 03.04.2010 година, според исказот на оштетените, и второпријавениот, од нив побарал и примил 500 евра. За парите кои двајцата ги примиле не издале никаква потврда што почнало да буди сомнежи кај оштетените во однос на чинењето и валидноста на медицинскиот третман. Затоа оштетените одлучиле да побараат писмена потврда за исплатените пари. Двајцата осомничени им издале белешка која не била архивирана и заведена и била директен повод кој ги навел да ги пријават докторите. Откако случајот бил пријавен во полиција, биле преземени сите неопходни оперативно-тактички мерки за докажување на делото и во координација со Јавното винителство на оштетените им биле предадени технички обработени банкноти во висина на износот кој требале да го доисплатат.
– Вчера, 09.04.2010 година, технички обработените 800 евра, според претходно договореното, му се исплатени на првоосомничениот, со што се стекнал со вкупна противправна имотна корист од 1500 евра. Веднаш откако парите се исплатени, со наредба од Истражен Судија, извршен е претрес во Оделението за Урологија и кај првопријавениот пронајдени се технички обработените 800 евра. Освен овие дополнително се пронајдени 1980 евра и 1960 денари чие потекло ќе се утврдува, соопшти СВР Охрид.
Инаку, според писмен акт од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје, лекувањето во хипербарична комора во истата клиника се врши со син картон и партиципација од 450 денари за еден третман, се вели во соопштението на СВР Охрид.
извор: „СВР Охрид“