Доктор Никола Бакрачески, кардиолог и директор на Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид е еден од добитниците на повелбата Свети Климент Охридски Патрон на Охрид за 2007 година. Тој наградата ја доживува како сатисфакција за макотрпниот петгодишен ангажман за воведување на одделот за интервентна кардиологија, со што оваа институција стана единствен центар надвор од Скопје каде спас за срцевите и кардиоваскуларни болести бараат голем број пациенти од југозападниот регион на Македонија и од соседните земји. Со тоа, според Бакрачески, се намали ризикот од фатален крај кај луѓето заболени од овие болести, што се меѓу најчестите причини за смртност.
-Во текот на оваа година во заводот изведовме околу 600 зафати, од кои 40 проценти беа интервентни процедури, кои завршија со такавиканата балон дилетација или имплантација на коронарни стентови, додека 60 проценти беа дијагностички процедури кои завршија само со снимање на крвните садови на срцето, од кои дел беа испратени на натамошен оперативен третман. Нашиот завод, кој постои 25 години, техички и технолошки е доста добро опремен, а освен постојаното обновување на опремата, се грижиме и за континуирана едукација на медицинскиот персонал, кој се обучува во земјава и странство. Афирмирани стручњаци од Македонија, Европа и САД доаѓаат во охридскиот завод, каде заедно со нашите стручњаци ги прават кардиолошките зафати кај пациентите, со што се разменуваат драгоцени искуства, по теркот на стандардите на Европското здружение на кардиолози и Американската асоцијација за кардиологија. Во болницата сега има една сала, каде најчесто се изведуваат интервенции на срцевите крвни садови, како што е коронарната артериска болест, односно стеснувањето на крвните садови кои го хранат срцето со крв. До крајот на годинава, планираме да отвориме уште една нова дејност, тоа е кабинетот за контрола на пејс мејкери,што досега се вршеше само на Институтот за срцеви заболувања во Скопје. Во 2008-ма треба да добиеме нов ангиографски апарат со што планираме да отвориме нова сала за интервентна кардиологија, а сегашната ќе ја доопремиме за имплантација на пејс мејкери. Во 2009-та планираме да воведеме процедури од инвазивната електрофизиологија, за пациентите со пореметувања на срцевиот ритам, за дијагностицирање и санирање на причината за овие заболувања, како не би дошло до смртност, вели доктор Никола Бакрачески.
се редат успеси во годината на јубилеи
Најголемата придобивка од отворањето на одделот за интервентна кардиологија во Охрид е што наместо да чекаат со месеци на долгите листи во Државната болница во Скопје за лекување на срцевите болести кои можат да се кобни за животот, сега голем број пациенти доаѓаат во охридскиот кардиолошки завод, до кој тие се транспортираат за кратко време, што често е пресуден фактор за преживување, вели доктор Бакрачески. Тој додава дека и покрај соработката со Институтот за срцеви заболувања во Скопје, појавата на втор ваков оддел во земјава е проследено со различни реакции во кардиолошката фела, најмногу поради конкуренцијата и суетноста меѓу стручњаците во оваа значајна медицинска дејност. Радува, вели Бакрачески што освен од Републикава, добар дел од пациентите во Охрид доаѓаат од соседна Албанија и Косово. Во охридскиот кардиолошки завод, кој постои од 1982 година, сега има 82 вработени, од кои 16 се лекари и специјалисти. Годишно овде поминуваат околу 7000 амбулантни пациенти, се прават од 20 – 24 илјади дијагностички процедури, а болнички се третираат околу 2000 пациенти годишно.
Доктор Никола Бакрачески, кој е директор на кардиолошкиот завод во Охрид од јули 2006, има 37 години, а во болницата работи 11 години. Тој е специјалист по интерна медицина, моментално на субспецијализација и постдипломски студии по кардиологија на Медицинскиот факултет во Скопје. Се има едуцирано во реномирани медицински центри во Србија и САД. Заедно со познати имиња од светската кардиологија, Бакрачески е коавтор на две стручни книги од оваа област, издадени во Велика Британија, од кои едната е бестселер.
Нина Кепеска