Силите на Исламската држава се закануваат со освoјување на автопатот М5 во Сирија кој е од стратешко значење, што може да предизвика егзодус на неколку милиони бегалци од подрачјата кои сега се под контрола на владата и претседателот Башар Ал Асад, предупредуваат светските агенции, пренесува српски „Блиц“. Војската на ИСИС е на само 35 километри од стратешкиот автопат кој се смета за главна сообраќајна артерија и крвоток на делот од Сирија кој е под контрола на официјален Дамаск. Доколку биде пресечен овој автопат тоа ќе биде сериозен пораз на силите на Асад кои се исцрпени од четиригодишната војна.

ИСИС неодамна го освои градот Ал Карјатеин каде сруши манастир стар 1500 години. Оттогаш сириската армија се обидува да го возврати ударот но безуспешно. Војската на ИСИС напредува кон автопатот М5.

До сега над 4 милиони сиријци ја напуштија земјата, но се стравува дека доколку падне стратешкиот автопат најмалку уште толку ќе ја напуштат од војни разурнатата и поделена држава. Доколку нешто не се промени на терен, прашање е на време кога тоа ќе се случи.

Милионите бегалци кои сега се на пат или веќе во Европа живееја на подрачјето зафатено со воени судири помеѓу владините сили и опозициските бунтовници. Но, најголемиот дел од жителите на 17-милионска Сирија живеат на територијата која ја контролираат владините сили. Доколку Исламската држава продолжи да се шири кон овие територии, голем број луѓе се очекува дека ќе побегнат од земјата плашејќи се од убиствениот поход на џихадистите кои сурово го третираат цивилното население.

Армијата на Башар Ал Асад сама не може да го запре напредувањето на ИСИС, а поради поделбите во бунтовничката војска на опозицијата, во која расте бројот на екстремисти, засега не може да дојде до нивно воено обединување, без што не може да се запре ширењето на ИСИС, предупредуваат аналитичарите.

Нив ги изненадува и фактот што и после освојувањето на Мосул во Ирак во 2014 и заземањето на половина Сирија од страна на ИСИС силата на Исламаката држава се уште се потценува од страна на САД и европските лидери. Без конкретна помош на владините сили, на што не се согласуваат САД поради намерите на Вашингтон да го симне од власт Башар Ал Асад, сириската армија не ќе може успешно да се спротистави на ИСИС. Доколку работите не се променат, се стравува дека позициите на сириската армија ќе продолжат да слабеат. Тоа не значи дека владата на Асад ќе падне преку ноќ, но било каков знак на слабост ќе натера милиони сиријци да ја напуштат зејата, а нивна дестинација ќе биде Европа.

OhridNews