Целокупниот доказен материјал за инцидентот, кој што се случи во четвртокот во македонскиот Парламент, министерството за внатрешни работи денеска го достави до претседателот на Собранието Трајко Велјановски, јавува „Макфакс“.

Со ова МВР почна со  документирање на пријавата, која како што велат од МВР, ќе следи против пратениците кои пред собраниската зграда го попречија полицискиот службеник при вршењето на неговата службена должност и потоа физички и вербално го нападнаа со туркање влечење и закани.

Заедно со доказниот материјал, МВР на спикерот на Собрание му испрати и писмо.

„Со нападот, влечењето, туркањето и попречувањето на службеното лице во извршувањето на неговите задачи, бевме сведоци на срамен вандализам од страна на неколку поединци, кој доколку остане несанкциониран ќе го загрози угледот на законодавниот дом. Од пишаните и видео материјалите јасно се гледа кој влече, кој турка, кој напаѓа, кој навредува и кој попречува извршување на службено дејствие. Нема никаква дилема кој е одговорен и кој се учествува во малтретирањето на службеното лице. Единствената дилема засега се мотивите на иницијаторите на инцидентот“ се вели во писмото.

Според МВР, сега е најважно да се справиме со последиците.

„Ако поминат неказнето, реален е стравот да продолжат со насилничко однесување. Реална е опасноста повторно со раце да ја делат сопствената „правда“ и сопствената „демократија“ во законодавниот дом, кога некого нема да препознаат или истиот нема да биде по нивен вкус. Впрочем дел од истите учесници во овој инцидент, во 2007 фрлаа со шишиња и брутално нападнаа три пратенички“ додава МВР во писмото.

Собранието треба да одлучи за одговорноста на пратениците, кои учествувале во инцидентот.

„Ние денеска направивме анализа на настанот, согласно на анализата можеме да утврдиме дека станува збор за попречување на службено лице во вршење на службени задачи. Со оглед на спецификата и нивната положба сепак се тоа избрани функционери. Нашиот извештај ќе го доставиме до собранието, а по однос на одговорноста понатаму ќе треба соодветните собраниски служби да утврдат како ќе тече постапката“ изјави Јанкулоска во саботата.

Инцидентот се случи во четвртокот вечерта по завршувањето на седницата и неизгласувањето на законот за стечајците, кога пратеници од опозицијата излегле пред Собранието на стечајците да им го соопштат резултатот од собраниската седница.

Тогаш пратениците од опозицијата се судриле со полициски службеник кој што го снимал со камера нивниот разговор со стечајците, без да се легитимира.

OhridNews
извор: „Макфакс“