Како што информираат од Локалната самоуправа, од нивна страна завршени се сите подготовки- изготвен е идеен проект, добиена е дозвола за градба и изработен е елаборат кој е поднесен до надлежното министерство.
“ Станува збор за капитална инвестиција, која со оглед на фактот дека општина Охрид се наоѓа во првата фаза од процесот на децентрализација, треба да биде финансирана со пари од Министерството. Единиците на Локалната самоуправа, во првата фаза од децентрализација, немаат обврска да издвојуваат средства од своите буџети за капитални инвестиции во образованието. Тие можат единствено да аплицираат преку проекти до надлежното министерство, кои би се реализирале по пат на суфинансирање или со донации и делумно сопствено учество”, вели потпаролот Никола Манески.
По прифаќањето на поднесената апликација од страна на Министерството ќе биде распишан тендер за изведување на градежните работи.
Инаку, проектот опфаќа доградба на околу 400 метри квадратни внатрешен простор во кој ќе можат да се сместат три занимални. Доградбата е планирана во задниот дел на постоечкиот објект, во кој моментално функционира Централната градинка. Како што потенцираат од Градинката, со доградба на Централниот објект би се надминал просторниот проблем со кој долги години се соочува оваа установа. Со проширување на објектот на Централната градинка би се овозможило формирање на уште три групи од предшколска возраст, со што ќе се обезбеди згрижување на сите деца кои до сега, поради просторно ограничување, градинката не била во можност да ги згрижи.