Со Договорот од Преспа, Р.С. Македонија и Грција создадоа модел за успешно решавање на отворените прашања меѓу соседите. Ова било истакнато на средбата помеѓу премиерите на двете земји Зопран Заев и  Кирјакос Мицотакис, што се одржа вчера во Атина, а на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Премиерот Заев на средбата со Мицотакис нагласил дека со воспоставеното партнерство засновано на доверба и пријателство односите меѓу двете земји се трансформираа во сојузништво кое е потврдено и со членството на нашата земја во НАТО, и дека Грција останува силен лобист и поддржувач на нашата земја во претстојниот процес на преговори со Европската Унија која треба да започне со првата меѓувладина конференција за време на претседавањето на СР Германија со Советот на ЕУ.

Двајцата премиери на средбата разговарале и за идната соработка и спроведување на одредбите од Акциониот план од Договорот од Преспа, меѓу кои приоритет има континуитетот на работата на заедничките комитети на експерти за историските, образовните и археолошките прашања, како и работата на Комитетот за бизнис дијалог за изнаоѓање решенија за заштитените марки и брендови и за дополнително поттикнување на политиките што треба да ги олеснат бизнис релациите.

Во таа насока на средбата се разговарало за создавање услови за поголема економска соработка и за интензивирање на интерконекцијата за природен гас меѓу двете земји за што постои финален договор кој наскоро треба да биде потпишан.

Премиерите Заев и Мицотакис разговарале и за справувањето со пандемијата со КОВИД-19 и се согласија дека солидарностa и соработката на ЕУ со Западен Балкан во таа насока треба да продолжи и да се надгради со вклучување на регионот во политиките на ЕУ за економско закрепнување на земјите од Европа.

Претседателот на Владата Зоран Заев, синоќа, во завршницата на својата дводневна работна посета на Атина, се сретна со лидерот на опозицијата и претседател на Сириза, Алексис Ципрас.

На средбата, која се одржа во Парламентот на Република Грција, исто така се разговарало за имплементацијата на Договорот од Преспа кој во 2018 година, кој направи пресврт во односите меѓу двете земји и ги откочи евроатланските процеси на земјата која оваа година стана членка на НАТО и очекува почеток на преговорите со Европската Унија.

Договорот од Преспа, не е само решение за спорот за името меѓу двете земји, туку и договор за долгорочно стратешко партнерство и за развој на широк план на односите меѓу двете земји, било истакнато на средбата.

OhridNews