СОНК и Владата постигнаа договор за зголемување на платите на вработените во училиштата и градинките за 12 отсто. Конечниот збор за прекин на штрајкот, СОНК ќе го каже денес по консултациите со членството и доколку биде позитивен, учениците би требало да се варатат на настава од утре.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков по тричасовни разговори во Владата изјави дека успеале да ги усогласат ставовите во рамки на можностите на државата за зголемување на платите во дејностите детска заштита и образование што би почнало од месец јули со завршување на ребалансот на Буџетот и со обезбедување на потребните средства.

Зголемувањето ќе изнесува 12 проценти на сегашните плати со додатоци предвидени со Колективниот договор. Се разговарало и за изработување колективни договори во дејноста детска заштита, основно и средно образование и решавање на некои отворени прашања како што се патните трошоци и регресот за годишен одмор.

Неделков оцени дека ова е максимумот што во моментов можел да се издејствува. Во текот на денешниот ден ќе бидат направени консултации со членството и регионалните одбори, кои ќе бидат детално информирани и се надева дека во интерес на учениците, родителите и вработените, како и на државата, штрајкот ќе заврши на општо добро и задоволство на сите.

Конечната одлука СОНК ќе ја соопшти денес и ако биде позитивна учениците би се вратиле на настава од утре.

Министрите за образование и за труд и социјална политика, Јетон Шаќири и Јованка Тренчевска, изјавија дека очекуваат од среда училиштата и градинките да почнат да функционираат нормално. Тренчевска рече дека со зголемувањето на платите нема ризик од дополнителна инфлација и загрозување буџетот и најави дека потребните средства ќе бидат обезбедени со ребалансот на државаната каса.

OhridNews