Активна регистрација на гласачите во Избирачкиот список договорена е на работната група, составена од претставници на четирите најголеми партии во земјава, за спроведување на договорот од Пржино, се дознава неофицијално. Имено, по вчерашната средба , на која беше повикан и претседателот на граѓанската организација МОСТ, Дарко Алексов за да го презентира предлогот за активна регистрација на гласачите, било договорено за прочистување на списокот да се преземе токму тој модел, па секој полнолетен граѓанин со оставање на отпечаток од прст да се регистрира во списокот, што би било и законск обврска.
„Бевме само повикани да ги презентираме нашите ставови околу активната регистрација. Нашата улога е консултативна. Кога завршивме со презентацијата, ја напуштивме средбата“, изјави Дарко Алексов, претседател на МОСТ.
За денес закажана е средба на која би требало да се затвори делот за избирачкиот список, ингеренциите на ДИК и гласањето на дијаспората.
На петочната средба треба да се разговара и за конкретен предлог на специјалниот јаен обвинител, чија надлежност се прислушуваните снимки на разговори на високи државни функционери, објавувани од опозицијата во минатиов период.
Сепак, претставниците на четирите најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА се уште се далеку околу договрот за надлежностите на специјалниот јавен обвинител, а несогласувањате се околу законската рамка за работата на специјалниот јавен обвинител.
Имено, СДСМ бара законски измени или нов закон, а ВМРО-ДПМНЕ смета дека постоечката законска регулатива дава можности за нормално, самостојно функционирање на овој обвинител. За ВМРО-ДПМНЕ, Законот за јавните обвинители предвидува можност за формирање специјализирани одделенија за следење и откривање на криминалитетот со посебна стручна служба. За СДСМ ова е неприфатливо затоа што тоа би значело дека тој ќе работи под ракводство на јавниот обвинител Марко Зврлевски. СДСМ сака да се донесе посебен закон како гаранција за независноста на работата на специјалниот обвинител.
Се очекува на средбата во петок да има конкретни предлози за правното регулирање на работата на специјалниот јавен обвинител чија задача треба да биде испитување на сите случаи во прислушуваните, објавени и необјавени, разговори за кои СДСМ поднесе кривични пријави.
OhridNews
извор Макфакс