Средбата помеѓу претстaвници на синдикатот на контролорите на летање и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, што се одржа доцна синоќа, не ги разубеди вработените во Агенцијата за цивилно воздухопловство  да го откажат двочасовниот предупредувачки штрајк најавен за денеска.

Според најавите штрајкот ќе се одржи во периодот од 10 до 12 часот. Во тој период на аеродромите во Охрид и Скопје нема да има слетувања и полетувања на авиони, а единствено ќе биде овозможен прелет на авионите над македонска територија.

На ваков потег контролорите на летање се одлучија по најавите на Управата за јавни приходи за наплата на милионски суми од сметката на Агенцијата за цивилно воздухопловство инкасирани по основ на поврат на ДДВ. Вработените во агенцијата сметаат дека нема основа за таква наплата поради што најавија дека ќе штрајкуваат секој четврток, се додека УЈП не се откаже од своите намери.

Штрајкот на контролорите на летање се случува непосредно пред продолжениот Велигденски викенд за кој се најавени голем број чартер летови од и кон аеродромите во Охрид и Скопје.

Ohridnews