И официјално наредната година во Охрид ќе започне изградбата на Универзитет на уметноста и Музеј. Ова на свечената Академија по повод патрониот празник на Охрид, го најави познатиот италијански уметник Винченцо Бјанки.

Универзитетот на уметност со музеј, ќе го носи името на основачот на Охрид, Кадмо, рече Бјанки. Тој посочи дека ја прифатил идејата на градските власти во Охрид да биде изграден музеј во кој ќе бидат сместени негови и дела на други светски ументици.

„Охрид како град од кој извира писменоста и културата заслужува да има еден музеј каде ќе дише светската  култура и каде  народите ќе се спознаваат и разбираат преку уметноста“, ни изјави Бјанки.

Винченцо Бјанки е еден од најпознатите светски скулптори. Тој ја отвори првата академија за скулптура во Фиренца, а преку 600 негови дела се наоѓаат во светот. Покрај тоа што е скулптор тој е и керамичар, сликар и поет. Бјанки учествуваше  на Струшките вечери на поезијата во 1998 година. Тој е сопственик на 12 музеи на уметноста во повеќе европски земји.

Г. Момироски